Во нашите краеви обично Јануари е вистинскиот зимски месец со температури кои најчесто не поминуваат над 0°C. Поради ниските зимски температури пчелната заедница е во состојба на мирување, а пчеларот најчесто се подготвува за престојната сезона.

Во јануари работа на пчеларникот има најмалку, задолжителното проверување дали летото е покриено со снег и дали некој глодар успеал да влезе во кошницата го правите по потреба. Простирката од слама или друг материјал пред кошницата е задолжителна за да пчелите на прочистните летови не паѓаат во снегот. Во овој месец пчеларот во својата работилница се подготвува за следната медоберна сезона, го чисти приборот, ја проверува состојбата на кошниците, го топи восокот и го менува за восочни основи и сл.

По потреба ако се појави некој топол ден пчеларот врши прихранување на пчелните заедници со шеќерно медни погачи.
Веќе после 15 јануари во нашето подрачје матицата започнува да несе јајца со што практичо почнува пролетниот развој.

Активноста на пчелите се зголемува и во средината на клубето отпочнува новиот живот. Но големите температурни разлики на ден-ноќ може, до колку не сме ставиле соодветен затоплувачки материјал во збеговите, да допринесат пчелите да страдаат од ниските температури затоа е пожелно да го проверите затоплувачкиот материјал или ако немате ставено истиот да биде поставен со овозможување на добра вентилација.

Во јануари се појавуваат и првите предвесници на пролетта, а во некои делови на нашата земја веќе цветаат лешнакот, дренот и евлата. Во овој месец можете да отпочнете со подготовки на наставци, подници и рамки за престојната сезона.

Имено за секое пчелно семејство ви се потребни по две медишта со рамки и подници во резерва.

Внатрешно одржување на кошниците. Од внатрешната страна кошницата може да се третира само со восок или прополис, никако со хемиско средство. Дезинфекцијата на кошницата се прави исклучиво со извор на топлина или 96% алкохол.

Надворешно одржување на кошниците. Единствено природната и еколошки сигурната заштита, мешавина на восок и прополис во комбинација со ленено масло се сигурна заштита на Вашите кошници. Погрешно е верувањето дека премачкувањето на кошниците со разноразни не проверени бои е добра заштита. За да ми поверувате проверете ја заштитата на вредните дрворези кои опстојуваат повеќе од 100 години, а не се заштитени со ништо освен со обгорување (подложување на пламен). Но доколку вие сакате Вашиот пчеларник да изгледа како крилото на некој егзотичен папагал или пак да личи на пчеларката, тогаш користете проверени еколошки бои.

Овде е важно да се каже дека одржувањето на кошниците не е само премачкување со бои туку и задолжително проверување на состојбата со подниците и нивно прековување или замена на дотраените со нови.

Автор: Зоран Маринковиќ